Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во четвртокот им порача на челниците на земјите од БРИКС, на чиј самит домаќин беше рускиот претседател Владимир Путин, дека на светот му е потребен мир во Газа, Либан, Украина и Судан.
„Генерално, потребен ни е мир. Ни треба мир во Украина. Праведен мир во согласност со Повелбата на ОН, меѓународното право и резолуциите на Генералното собрание на ОН“, нагласи Гутереш на самитот на БРИКС во рускиот град Казан.
Кабинетот на Гутереш подоцна во четвртокот објави соопштение во кое се вели дека тој се сретнал со Путин на маргините на самитот на БРИКС и го повторил својот повик за мир.
Во соопштението се наведува дека Гутереш го повторил својот став дека руската инвазија на Украина во 2022 година е „прекршување на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право“.
Гутереш, се вели во соопштението, исто така рече дека слободата на пловидбата во Црното Море е „од најголема важност“ за Русија, Украина и севкупната безбедност на храната и енергијата.
Двајцата челници, како што се наведува, разговарале и за „апсолутната потреба од прекин на огнот во Газа и Либан, како и за потребата да се избегне натамошна регионална ескалација“.
БРИКС, акроним за Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, сочинува 45 отсто од светското население и 35 отсто од светската економија.
Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати, исто така, се приклучија оваа година во групата која сака да биде одговор на политичката и економската моќ на богатите нации од Северна Америка и Западна Европа. Саудиска Арабија, исто така, треба формално да се приклучи, а членката на НАТО – Турција, исто така, пројавува интерес а нејзиниот претседател Реџеп Тајип Ердоган и во Казан повторно учествуваше на самитот на блокот.