Гутереш повика на смирување на конфликтот меѓу Јемен, САД и Велика Британија

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш во петокот побара од „сите страни“ да избегнат „ескалација“ на конфликтот, откако САД и Велика Британија ги нападнаа позициите на Хутите во Јемен поради напад на ова шиитско движење врз поморскиот сообраќај поврзан со Израел во Црвеното Море.

„Генералниот секретар ги повикува сите инволвирани страни да избегнат ескалација на ситуацијата, што е во интерес на мирот и стабилноста во Црвеното Море и во целиот регион“, изјави портпаролот на Гутереш на прес-конференција.

Хутите, кои контролираат голем дел од Јемен, ги напаѓаат бродските рути во Црвеното Море во знак на поддршка за Палестинците во Појасот Газа, каде што во израелсиот одговор на нападот на Хамас досега има повеќе од 23.000 жртви, од кои најмалку третината се деца.

САД и Велика Британија ги бомбардираа Хутите во Јемен ноќта кон петокот, откако со седмици ги напаѓаа трговските бродови кои се поврзани или пловат кон Израела во Црвеното Море, особено во близина на теснецот Баб ал-Мандаб на југозападниот дел на Арапскиот Полуостров.

Овие судири ги поттикнаа стравувањата од ширење на регионалниот конфликт, кој започна со војната меѓу Израел и Хамас. На барање на Русија, Советот за безбедност на Обединетите нации во петокот вечерта ќе одржи вонредна седница на оваа тема.

Во средата, Советот усвои резолуција со која се повикува на брз прекин на нападите на Хутите врз бродовите, нагласувајќи го правото на државите да ги бранат своите бродови од овие напади.

„Генералниот секретар повтори дека нападите против меѓународниот поморски сообраќај на Црвеното Море се неприфатливи, дека тие ја загрозуваат безбедноста на меѓународните синџири на снабдување и имаат негативно влијание врз економската и хуманитарната ситуација ширум светот“, објави неговиот портпарол.