Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во петокот повторно повика на прекин на огнот во Појасот Газа за да може хуманитарната помош да стигне до Рафах, каде што еден ипол милион Палестинци протерани во израелската офанзива се „на работ на преживување“.
Говорејќи на безбедносната конференција во Минхен, Гутереш повторно рече дека ништо не може да го оправда бруталниот напад на Хамас врз јужен Израел, но ниту колективното казнување на Палестинците во воениот одговор на Израел.
„Во центарот на нашите хуманитарни напори е градот Рафа, каде што милион ипол луѓе се на работ на преживување. Упорно повикував на прекин на огнот, тоа е единствениот начин да се достави помош во Газа“, рече генералниот секретар на светската организација.
Говорејќи неколку дена пред втората годишнина од војната во Украина, генералниот секретар рече дека и на Украинците и на Русите им е потребен мир, но мир во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право кое го штити територијалниот интегритет.
Гутереш рече дека денес светот е повеќе поделен од кој и да е период во последните 75 години и дека дури и Студената војна била помалку опасна.
„Денес сме соочени со нуклеарна закана, климатска криза и неконтролирана вештачка интелигенција и не сме во состојба да одговориме на ниту еден од овие егзистенцијални предизвици“, предупреди тој.
Според него, државите денес прават што сакаат без никаква одговорност, затоа е неопходно повторно да се воспостави владеење на правото.
„Ако секој ги исполни своите обврски од Повелбата на ОН, луѓето ќе живеат во мир“, заклучи Гутереш.