Гутереш: Светот треба да избере помеѓу надежта и капитулацијата

Човештвото ги трпи последиците од климатско нарушување и треба да избира помеѓу „надежта“ за подобар свет преку дејствување и „капитулацијата“, изјави денеска генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш на почетокот на Конференцијата на ОН за климата (ЦОП25) во Мадрид.

– Светот е на пресвртница и до крајот на следната деценија ние ќе бидеме на еден од двата патишта. Едниот пат е капитулација, на кој како месечари ќе ја поминеме точката без враќање, загрозувајќи го здравјето на сите жители на планетата, предупреди Гутереш во обраќањето пред претставниците од околу 200 земји потписнички на Парискиот договор за климата, меѓу кои и 40 шефови на држави и влади.

Тој додаде дека „втората опција е патот на надежта“.

– Патот на одлучноста и трајните решенија. Патот во кој фосилната енергија останува таму каде што треба да биде, во земјата и со кој достигнуваме климатска неутралност до 2050 година, посочи Гутереш и упати апел да се прекине „зависноста од јагленот“.

Тој запраша дали оваа генерација сака да остане запишана во историјата како генерација што се однесува „како ној“ и губи време додека гори светот.

Генералниот секретар нагласи дека е „фрустиран“ поради спорите промени и повтори дека треба да се дејствува радикално и итно.

– Парискиот договор за климата од 2015 година е сериозно ветување за жителите во целиот свет… Да покажеме политичка волја како што народот очекува од нас. Да се прави помалку значи предавство на целото човештво и на сите идни генерации, наведе Гутереш.

Во Мадрид денеска почнува Меѓународната конференција на Обединети нации за климата (ЦОП25) и ќе трае две недели.