Гутереш вели дека земјите заостануваат во однос на климатските цели, ветувања и обврски

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш испрати силна порака до земјите ширум светот во врска со климатските амбиции.

– Многу сум загрижен за тоа каде е светот во однос на климата. Земјите се далеку зад нивните климатски ветувања и обврски. Гледам недостиг на амбиција, недостиг на доверба, недостиг на поддршка, недостиг на соработка и многу проблеми во однос на јасност и кредибилитет, рече Гутереш во Њујорк.

Шефот на ОН додаде дека глобалната климатска агенда се поткопува.

– Доколку владите беа сериозни во остварувањето на целите и исполнувањето на нивните ветувања, напорите на сите фронтови значително ќе се подобрат, предупреди Гутереш.

Тој особено ги нападна нафтените компании и притоа ја нарече индустријата за фосилни горива „загаденото срце на климатската криза“, додавајќи дека мора да се стави крај на употребата на нафта, јаглен и гас.

Подготвителните преговори за климата завршија во четвртокот во Бон пред следната климатска конференција на Обединетите нации во Дубаи, која ќе започне на крајот на ноември.