Проблемот со коронавирусот бара невидени мерки, неопходен е план како за војна, вели генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш во писмо до лидерите на Г-20.
– Ковид-19 бара одговор, каков што претходно немало – воен план за време на хуманитарна криза, вели Гутереш.
Споед него, лидерите на Г-20 имаат ексклузивна можност да излезат со пакет мерки за решавање на различните закани предизвикани од појавата на пандемијата.
„Ова би покажало солидарност со народите во светот, особено со најранливите“, се вели во писмото.
Претходно беше соопштено дека на 26 март ќе се одржи средба на лидерите на Г-20 во врска со коронавирусот, кој саудиските власти планираат да го организираат преку Интернет. Темата е координиран одговор на пандемијата на Ковид -19.
Според последните податоци на Светската здравствена организација, повеќе од 330.000 лица се заразени со новиот коронавирус, а 14.500 починаа.