Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска денеска ќе се обрати на првиот панел од дебатата „В/РЕДНОСТИ и ВРЕДНОСТИ“, насловен „Мерливоста на вредностите: економски визури“.
Панелот, како што информира Народната банка, ќе биде посветен на процесот на досегашната економска трансформација и создадените вредности низ тој процес, улогата на меѓународните финансиски институции, како и идните перспективи и предизвици во контекст на забрзаната инфлација и забавувањето на светскиот раст.
На панелот, што ќе се одржи на Фејсбук каналот на Народната банка, ќе дебатираат академиците Таки Фити и Абдулменаф Беџети, поранешниот министер за финансии и поранешен член на Советот на НБ, Џевдет Хајредини, неизвршниот член на Советот на НБ, универзитетски професор и поранешен министер за финансии, Никола Поповски и универзитетската професорка при Економскиот институт при УКИМ-Скопје, Силвана Мојсовска.