Гувернерот на Флорида влегува во трката за претседател на САД

Републиканскиот гувернер на сојузната држава Флорида, 44-годишниот Рон Десантис следната седмица официјално ќе влезе во трката за претседател на САД на изборите во 2024 година, пишува весникот The Wall Street Journal повикувајќи се на свои извори.

Десантис веројатно ќе ја поднесе документацијата со којашто ќе ја објави својата кандидатура на 25-ти мај, за тоа да се совпадне со состанокот на донаторите во Мајами.

Во поканата за настанот закажан за 25-ти мај, наведено е дека донаторите ќе бидат ставени во „работа“, што според весникот е очигледно алудирање на собирањето пари за кандидатурата на Десантис, според извор запознаен со случувањата.

Политичките коментатори сметаат дека Рон Десантис е веројатно најсилниот ривал на поранешниот претседател Доналд Трамп кој има намера по третпат да ја добие номинацијата на Републиканската партија за изборите во 2024-та. Истражувањата на јавното мнение меѓу републиканците покажуваат дека тој е во најдобра позиција за дуел со Трамп, кој веќе ја објави својата кандидатура.

Трамп последните седмица ги зајакна своите политички напади врз гувернерот на Флорида, и одржува уверливо водство на републиканските предизбори за 2024-та, според неодамнешната анкета на Reuters/Ipsos.

Десантис студирал на елитните универзитети Јејл и Харард. Покрај тоа, бил во американските поморски сили и учествувал во воената инвазија во Ирак. По активната служба, Десантис работел како сојузен обвинител, а во американскиот Конгрес првпат влегува во 2012 година, како претставник на шестиот округ на Флорида. Првпат гувернер на ова сојузна држава станува во 2018 година, а повторно беше избран на таа позиција ланскиот ноември.