Гувернерот на Монтана го потпиша законот за забрана на TikTok

Гувернерот на Монтана, Грег Џанфорте, во средата го потпиша законот со кој се забранува TikTok, со што Монтана стана првата американска сојузна држава којашто ја забрани популарната апликација за куси видео материјали.

Монтана донесе закон за забрана на TikTok во средината на април. Законот беше прифатен со 54 гласа, 43 беа против, а законот сега е потпишан од републиканскиот гувернер на сојузната држава на северозападот на САД, која има нешто повеќе од милион жители.

Гувернерот Џанфорте нагласи дека законот ќе го унапреди „нашиот заеднички приоритет да ги заштитиме Монтананците од надзорот на кинеската Комунистичка партија“.

Новиот закон, кој ќе стапи на сила во јануари 2024 година, забранува работа на апликацијата TikTok во границите на Монтана. Законот наведува и можни казни од 10.000 долари дневно за прекршителите, вклучително и за продавниците на апликации. Казните нема да важат за корисниците.

TikTok, кој има над 150 милиони корисници во САД, се соочува со зголемени повици од американски законодавци и владини претставници апликацијата да биде забранета на национално ниво, поради загриженоста за наводното потенцијално влијание на кинеската влада врз платформата.

Но, компанијата, која е во сопственост на кинеската технолошка компанија „ByteDance“, негираше дека некогаш споделувала податоци со кинеската влада и рече дека нема да го стори тоа доколку биде побарано.

Од TikTok порачаа дека законот „ги крши правата од Првиот амандман на жителите на Монтана со незаконското забранување на TikTok“, додавајќи дека тие „ќе ги бранат правата на нашите корисници внатре и надвор од Монтана“.

Се очекува оваа мерка, која треба да стапи на сила на почетокот на следната година, да биде правно оспорена.

Забавните, налудничави видеа и лесното користење на апликацијата ја направија исклучително популарна, а американските технолошки гиганти како „Snapchat“ и „Meta“, матичната компанија на социјалните мрежи Facebook и Instagram, ја гледаат како конкурентна закана.