Гвардиола потврди дека за Родри сезоната заврши

Заврши сезоната за Шпанецот Родри, играчот од средниот ред на Манчестер Сити кој ги скина предните вкрстени лигаменти на десното колено минатата недела на натпреварот против Арсенал во Премиер лигата, објави во петокот неговиот тренер Пеп Гвардиола.

„Тој беше опериран утрово, неговата сезона заврши, ќе се врати за следната“, изјави шпанскиот тренер на прес-конференција.

Шпанскиот интернационалец минатата седмица го осуди зголемувањето на бројот натпревари по сезона поради последиците по здравјето на играчите, но и врз квалитетот на играта.

Шпанскиот фудбалер минатата сезона одигра вкупно 50 натпревари за клубот и осум за репрезентацијата со која ја освои титулата европски шампиони.

Во негово отсуство, тренерот Пеп Гвардиола на истата позиција може да смета на Матео Ковачиќ, Илкај Гундоган и Рико Луис.