Пеп Гвардиола очекува УЕФА што поскоро да ја финализира истрагата за наводните финансиски нерегуларности на Манчестер Сити во врска со почитувањето на правилата за финансиски ферплеј. Пеп сака да стави крај на шпекулациите околу случајот.
„Ако УЕФА донесе одлука, клубот ќе излезе со став и јас би сакал тоа да се случи, бидејќи ќе ја знаеме вистината и сите овие гласини ќе завршат. Ќе се знае дали сме извршиле неправилности, а ако не, луѓето ќе престанат да зборуваат за тоа”, рече Гвардиола.
„Независната комисија при УЕФА ги испитува тврдењата на германскиот неделник Шпигел, кои се базираат на податоци од „Фудбалликс“ и се очекува да има одговор наскоро“, вети претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, во понеделникот, по состанокот на Извршниот комитет на организацијата.
Според Фудбалликс, Манчестер Сити не ги почитувал правилата на УЕФА за „финансиски фер-плеј”, бидејќи клубот „внесувал големи суми на пари од спонзори од Емиратите”.
Манчестер Сити е во сопственост на шеикот Мансур од 2008 година.