Хаџиевски и Васоски најавија подобри денови – Вардар е институција, мора да живее!

Tимот на Вардар денес одржа прес-конференција на која беа соопштени идните планови на екипата по промените.

На клупата на Вардар по заминувањето на Бобан Грнчаров се врати Александар Васоски, додека за спортски директор беше назначен Ѓоко Хаџиевски. Во ваква структура Вардар по стартните три порази, вчера го освои првиот бод против Силекс (2:2).

„Моја одговорност е да помогнам кога е најтешко. За жал не беше издржливо да се работи после таа освоена титула пред неколку години, и сега се враќам и се надевам дека Вардар ќе заплива во помирни води. За жал не го добивме натпреварот со Силекс, но освоен е бод после три порази. Ќе гледаме да се издигнеме, нема време за ништо, ако успееме да донесеме уште некој фудбалер добро, јас сум среќен што работам со овие момци“, изјави Васоски.

Хаџиевски порача дека сите ќе се вложат за максимално да помогнат.

„Вардар е институција во Македонија, Вардар е најголемиот бренд. Со Вардар освоив многу титули, се нафатив да помогнам, да речам така волонтерски, но сите ќе се вложиме да помогнеме и да го издигнеме“, изјави Хаџиевски.

За нов портпарол на клубот беше назначен Мијалче Дурготов.