![lazarov](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/12/lazarov1.jpg?resize=640%2C384&ssl=1)
Македонскиот ракометар Кире Лазаров е најдобар десен бек на светот во изминатава година, објави ракометниот портал „Хендболпланет“, според резултатите од гласањето за најдобрите во светот на ракометот за 2014 година, пренесува Нетпрес.
Признанието МВП-за 2014 година го добива Никола Карабатиќ, исто така од Барселона, но огромен удел во одлуката има златото со Франција на ЕП во јануари. Интересно е тоа што европскиот првак Фленсбург нема ниту еден претставник во идеалниот тим, а некаква утеха е тоа што Тобијас Карлсон е избран за најдобар дефанзивец.
Уште еден претставник на Барселона, иако со заслуги од настапите во Кил, е Гудјон Валур Сигурдсон на левата крилна позиција. Две имиња од ПСЖ се Микел Хансен и Лук Абало, како леб бек и десно крило, најдобар пивот е Хулен Агинагалде од Кјелце, а најдобар голман Никлас Ландин од Рајн-Некар.
Изборот го правеше жири од 23 ракометни експерти од Европа, Азија и од Јужна Америка, комбинирани со гласовите од читателите на „Хендболпланет“. Малку недостигаше признанија да добијат и „вардарците“ Тимур Дибиров и Арпад Штербик, затоа што беа убедливо први според гласовите на публиката. Во изборот за најдобар десен бек конкурираше и Ренато Вугриенц, но Кире Лазаров ги доби симпатиите, пишува „Спортмедиа“.
НАЈДОБАР ТИМ ЗА 2014
лево крило – Гудјон Валур Сигурдсон (Барселона)
лев бек – Микел Хансен (ПСЖ)
среден бек – Никола Карабатиќ (Барселона)
десен бек – Кире Лазаров (Барселона)
десно крило – Лук Абало (ПСЖ)
пивот – Хулен Агинагалде (Кјелце)
голман – Никлас Ландин (Рајн-Некар)
Дефанзивец – Тобијас Карлсон (Фленсбург)