Најмалку 1.297 луѓе загинаа по силниот земјотрес што го погоди Хаити во текот на викендот, соопшти Агенцијата за цивилна заштита на таа земја.
„Бројот на загинати од земјотресот се зголеми на 1.297 на 15 август“, се вели во извештајот за ситуацијата, ажурирајќи го бројот на повредени во земјотресот во саботата од најмалку 2.800 на повеќе од 5.700.
Земјотресот предизвика и огромна материјална штета, а Обединетите нации најавија финансиска помош.
– Обединетите нации ќе обезбедат најмалку осум милиони долари за помош на жртвите од земјотресот на Хаити, изјави заменик генералниот секретар, задолжен за хуманитарни прашања, Мартин Грифитс.
“Одвојуваме осум милиони американски долари од Централниот фонд за итна помош за поддршка на хуманитарниот одговор на земјотресот што го погоди Хаити. Оваа сума ќе оди за жртвите од катастрофата за медицинска нега, чиста вода, привремени засолништа и санитарни услови”, напиша Грифитс на Твитер.
Земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала го погоди регионот на Хаити во саботата наутро. Епицентарот на земјотресот бил регистриран на 40 километри од Ле Квет, со население од околу 125.000 луѓе на длабочина од 10 километри. Уништени се околу 13.000 згради, вклучително и медицински и верски институции. Владата воведе едномесечна вонредна состојба.