Германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл утре доаѓа во својата трета посета на Македонија за краток временски период. Предвидено е тој да оствари средби со лидерите на четирите најголеми политички партии и потписници на Пржинскиот договор.
Хајндл во интервју за „Deutsche Welle“, пред една недела порача дека ЕУ и Германија сакаат да и помогнат на земјата да излезе од кризата, но патот таа ќе мора да го изоди сама, што значи дека политичките актери мора заеднички да работат и во преден план да ги стават државните интереси.
„Станува збор за имплементацијата на централните елементи на Договорот од Пржино. Но тука, за жал, има несогласување меѓу политичките актери – и покрај тоа што тие го ставија својот потпис под овој Договор. А она што го наведува овој Договор е јасно. Оние, кои се осомничени во врска со скандалот со прислушувањето, треба кривично-правно да бидат повикани на одговорност. Со таа цел партиите и се согласија да се формира Специјално јавно обвинителство. СЈО треба без пречки и со целосна поддршка од македонските институции да може да ја извршува својата работа“, изјави тогаш Хајндл во интервјуто за ѐ „DW“.