Хакерот, кој ја нападна А1 Хрватска и украде лични податоци на најмалку 100.000 корисници, бара од компанијата да му плати околу половина милион долари во криптовалути во следните 24 часа. Доколку не го стори тоа, тврди тој, украдените податоци ќе ги објави на неколку хакерски и „даркнет“ форуми.
За потсетување, А1 Хрватска објави дека се украдени околу 10 отсто од вкупниот број корисници на таа мрежа. Прикажаните податоци се име и презиме, адреса, матичен и телефонски број.
Вчера лице кое се претставило како хакер кој упаднал во системот А1, по електронска пошта информирал неколку хрватски медиуми. Во тој мејл тој тврдел дека ја хакирал целата база на корисници на А1 и дека како доказ испратил дел од таа листа до компанијата.
„Индекс“ преку електронска пошта контактирал со хакерот, кој вели дека А1 не одговара на мејловите испратени на неколку адреси, меѓу кои има и високи луѓе во компанијата.
„Пред објавата не ме известија ниту ми одговорија на прашањето. Моето барање за 150 Етереуми не беше исполнето. Беа потребни речиси 48 часа, им дадов 72“, напиша хакерот.
150 етереуми моментално вредат 476.678 долари, а рокот од 72 часа истекува доцна вечерва.
„Во случај да поминат 72 часа, ќе биде објавена базата на податоци. Во случај да ми платат како што барам, никому ништо“, вели тој.