Хакери на украинска телевизија емитувале проруски слогани

Хакери, очигледно поврзани со руската влада, извршиле упад во програмата на украинскиот телевизискиот канал Прямий, емитувајќи во тикерот антиамерикански и проруски слогани на украински и руски јазик, известија на социјалните мрежи новинарите.

„Денеска во 18.33 часот телевизискиот канал Прямий беше подвргнат на руски хакерски напад. Во онлајн преносот на YouTube беше хакирана подвижната информативна лента на којашто наместо вести почна да се емитува руска пропаганда“, се наведува во објавата на Telegram каналот на украинската телевизија.

Се додава дека стручњаците работат на отстранување на последиците од нападот, а во меѓувреме тикерот е исклучен.

Денеска, инаку, Украина и нејзините западни сојузници со низа силни изразии на поддршка и соодветни настани во светот ја одбележуваат втората годишнина од почетокот на руската инвазија во соседната земја која започна во мугрите на 24-ти февруари 2022 година.

На снимката објавена на YouTube каналот на телевизијата, во 20 минути меѓу другите впечатливи биле пропагандните слогани: „САД и Зеленски ја уништуваат Украина. Авдиевка е само почеток во војната ‘до последниот Украинец’? Криминалната влада да биде земена на одговорност? Помошта (западна – з.р.) на Украина оди до урнатини. Запрете ја војната пред сите градови во светот да станат Авдиевка“.