Хакерските напади врз Литванија, одмазда за блокадата на Калининград

На ресурси коишто им се припишуваат на руски хакерски групи, во понеделникот се појавија информации во која ја потврдуваат својата вмешаност во нападите на литвански сајтови и појаснување дека станува збор за „одговор“ на ситуацијата со блокирањето на основните продукти за руската балтичка енклава Калининград преку територијата на Литванија, пренесуваат руските медиуми.

Претходно литванските државни и приватни институции се најдоа под кибернетички DDoS (Distributed Denial of Service) напад во понеделникот, соопшти литванскиот Национален центар за кибернетичка безбедност, а одговорноста за нападот ја презема руската хакерска група Killnet.

„Многу веројатно дека нападите со сличен или поголем интензитет ќе продолжат следните денови, особено во транспортниот, енергетскиот и финансискиот сектор“, објавија во Вилнус.

Безбедните мрежи, кои ги користат државните институции, исто така, се наоѓаат меѓу нападнатите, се додава во изјавата на литванскиот кибернетички центар.

Од Killnet потврдија дека нападот е одговор на литванската влада да го блокира сообраќајот на стоки кои се под санкции на Европската унија, но според Русија тоа е кршење на меѓународното право затоа што ограничувачките мерки не се однесуваат на енклава која е всушност внатрешна прекугранична суверена територија а стоките се само во транзит.

„Нападите ќе продолжат сѐ додека Литванија не ја укине блокадата. Уништивме 1.652 web извори. И тоа е само досега“, изјавил за Reuters портпаролот на групата Killnet.

Од Killnet веќе неколку дена објавуваат линкови на својот Telegram канал до веб-страниците на литванските јавни и приватни претпријатија, банки, интернет провајдери, медиуми, владини портали, повикувајќи и ги другите хакерски групи да помогнат во „уништувањето на мрежната инфраструктура на Литванија“.

Малку подоцна се огласи и хакерската група NoName057(16), којашто објави дека „благодарејќи на нашите напади“ веб-страниците на литванските аеродроми, како и интернет ресурсот на нивната дирекција се „во изолација“ и сега се достапни само од локалните IP-адреси.

ЕУ од почетокот на април го запре транзитот со камиони регистрирани во Русија. Сепак, беше направен исклучок за транзит на стоки во регионот Калининград. Сега забраната што ја објави Литванија се однесува на сити транзити на стоки кои подлежат на санкции од ЕУ. Вилнус го извести Калининградскиот регион за прекин од 18-ти јуни на транзитот на стоки кои подлежат на санкции на ЕУ: градежни материјали, метал, дрво, цемент, ѓубрива, алкохол, кавијар и некои други категории, кои вкупно сочинуваат околу 50 отсто од целиот транзит кон енклавата.

Гувернерот на оваа руска енклава, Антон Алиханов, истакна дека новите товари од Русија ќе бидат преземени од фериботскиот систем на регионот. Транзитот на нафтени деривати продолжува и не е ограничен до 10-ти август.