Хамас бара гаранции од САД за траен прекин на огнот

Хамас побарал писмени гаранции од САД за траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Појасот Газа со цел да се финализира предлогот за примирје и договор за заложници поддржан од САД.

Катар и Египет, делувајќи како посредници, објавија дека Хамас одговорил на фазен план за прекин на огнот во вторникот, иако детали не беа откриени.

Планот, претставен од американскиот претседател Џо Бајден на крајот на мај, прикажува постепеното ослободување на израелските заложници држени во Газа и постепено повлекување на израелските сили, понатаму реконструкција на Газа и враќање на останките на починатите заложници во трета фаза.

Според египетските извори и трет извор запознаен со разговорите кои зборувале за Ројтерс, Хамас е загрижен дека сегашниот предлог нема експлицитни гаранции за премин од првата фаза, која вклучува шестнеделно примирје и ослободување на некои заложници. до втората фаза, која вклучува траен прекин на огнот и израелско повлекување.

Хамас инсистира на гаранции за автоматска транзиција помеѓу фазите, како што е наведено од претседателот Бајден, а Египет наводно е во контакт со САД во врска со ова барање.

Бајден посочи дека ако преговорите за преминување во втората фаза се прошират повеќе од шест недели, прекинот на огнот ќе остане на сила додека тие преговори не завршат.

Во вторникот, Хамас го опиша својот одговор на предлогот како „позитивен“, наведувајќи дека отвора „широк пат“ до договор.

Сепак, израелски функционер, кој зборуваше анонимно, тврди дека Хамас ги променил главните параметри на предлогот, отфрлајќи го планот на Бајден за ослободување на заложниците.

Неофицијално, Хамас предложил нов временски рок за постојан прекин на огнот и повлекување на израелските трупи од Газа, вклучувајќи го и Рафах.

Време е ценкањето да престане и да започне прекин на огнот, вели Блинкен

Американскиот државен секретар Антони Блинкен најави дека САД и нивните партнери ќе ги објават плановите за повоено управување со Газа во наредните недели.

Зборувајќи на прес-конференција во Доха со катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, Блинкен ја нагласи итноста од планот за „ден потоа“ за да се обезбеди траен крај на конфликтот.

„Во следните недели, ќе дадеме предлози за клучните елементи за „следниот ден“ – планирање што вклучува конкретни идеи за управувањето, безбедноста, реконструкцијата на Газа“, рече Блинкен. Тој истакна дека иако активностите на Хамас ќе влијаат на продолжувањето на војната, тие не треба да ја диктираат иднината на регионот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се спротивстави на повиците за такво планирање, тврдејќи дека тоа е залудно додека Хамас останува на власт. Во меѓувреме, САД соработуваа со арапските земји за да ја унапредат повоената визија за Газа.

Блинкен, исто така, го критикуваше одговорот на Хамас на предлогот на израелскиот договор за заложници, истакнувајќи дека групата предложила бројни промени, од кои многу биле неостварливи. „Хамас предложи бројни измени на предлогот што беше на маса… Некои од промените се изводливи, некои не се“, рече Блинкен.

Тој посочи дека договор, речиси идентичен со самиот предлог на Хамас од 6 мај, бил прифатен од Израел и поддржан од меѓународната заедница. Меѓутоа, наместо да се согласи, Хамас одложи речиси две недели и предложи дополнителни промени.

„Како резултат на тоа, војната која Хамас ја започна на 7 октомври со својот варварски напад врз Израел и врз израелските цивили – ќе продолжи. Ќе страдаат повеќе луѓе, ќе страдаат повеќе Палестинци, ќе страдаат повеќе Израелци“, рече Блинкен. Тој ја повтори решеноста на САД да продолжат со напорите за финализирање на договорот со помош на партнери како Катар и Египет.

„Време е ценкањето да престане и да започне прекин на огнот“, изјави Блинкен. Тој предупреди дека ако Хамас продолжи да го отфрла договорот, на глобалната заедница ќе и стане јасно дека групата избира да го продолжи конфликтот.