Хамас дал противпредлог за договорот за размена на заложници, пишуваат медиумите

Палестинското милитантно движење Хамас им претставил на преговарачите противпредлог за договорот за размена на заложници во индиректните разговори за постигнување прекин на огнот во војната во Појасот Газа, објави израелскиот весник Haaretz.

Предлогот предвидува ослободување на израелските заложници во замена за Палестинците од израелските затвори и постепено повлекување на израелската армија од Појасот Газа по 42-дневен прекин на огнот, објави доцна во неделата Haaretz, повикувајќи се на палестински и арапски извори.

Хамас претходно го отфрли американскиот компромисен предлог за ослободување на 40 заложници во замена за 900 палестински затвореници за време на шестнеделното примирје.

Во текстот на Haaretz се наведува дека во противпредлогот на Хамас се бара израелската армија да престане со борбите во првичниот шестнеделен прекин на огнот и да се повлече од урбаните центри во енклавата. Истовремено, на бегалците би им се овозможило да се вратат на северот од Појасот. Во овој период Хамас ќе ги пронајде сите заложници во областите каде се водат борбени дејствија и ќе ја утврди нивната здравствена состојба.

Во втората фаза израелската армија би се повлекла на територијата на Израел, па дури потоа би почнала размената на заточените, пишува израелскиот весник. За секој израелски цивил би биле ослободени 30 палестински затвореници, а за секој израелски војник 50 Палестинци, од кои 30 отслужуваат доживотна казна.

Израелските војници и загинатите заложници би биле предадени во третата и последна фаза, кога ќе заврши опсадата на Појасот Газа и ќе почне реконструкцијата на областа.

Израел претходно процени дека околу 100 од околу 130 заложници кои останаа во палестинската енклава се живи. Сега стравува дека уште многу од нив се мртви.