Хамас до Трамп: Заканите за „пекол“ само ги „комплицираат работите“

Изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, во кои на палестинската енклава Појасот Газа ѝ се заканува со „пекол“ доколку заложниците не бидат ослободени до сабота се „безвредни и само ги комплицираат работите“, изјави во вторникот за AFP еден од водачите на Хамас.

„Трамп мора да запомни дека постои договор што двете страни (Израел и Хамас) мора да го почитуваат и дека тоа е единствениот начин затворениците да се вратат“, изјавил Сами Абу Зухри, лидер на палестинското исламистичко движење.

„Заканувачкиот јазик е безвреден и само ги комплицира работите“, додал Зухри.

Кревкиот прекин на огнот посредуван од Катар со помош на Египет и САД стапи на сила на 19 јануари меѓу Израел и Хамас по повеќе од 15 месеци војна што го опустоши Појасот Газа.

Прекинот на огнот досега резултираше со ослободување на 16 израелски заложници, грабнати на 7 октомври 2023 година, за време на нападот на Хамас што ги предизвика непријателствата, во замена за околу 700 Палестинци држени од Израел. Ослободени се и пет тајландски заложници.

Вкупно 33 израелски заложници требаше да бидат ослободени за време на првата фаза од прекинот на огнот, кој завршува на 1 март. Но, Хамас во понеделникот објави дека ја одложува до дополнително известување следната размена закажана за сабота, обвинувајќи го Израел за повеќекратно прекршување на примирјето.

Израел ја нарече одлуката на Хамас „целосно кршење“ на договорот и нареди на својата војска да биде подготвена „за сите сценарија“.

Хамас тогаш објави дека вратата сѐ уште е „отворена“ за ослободување на израелските заложници во замена за палестинските затвореници „што ќе се случи според планот“ во сабота, „кога Израел ќе ги исполни своите обврски“.

„Што се однесува до мене, ако сите заложници не се вратат до сабота напладне, што мислам дека е разумен датум, би рекол ‘Откажете го договорот и пеколот може да започне“, рече Трамп во понеделникот.

Генералниот секретар на Обединетие нации, Антонио Гутереш, во вторникот го повика Хамас да продолжи со планираното ослободување на заложниците.

„Мораме по секоја цена да го избегнеме продолжувањето на непријателствата во Газа што би довело до огромна трагедија“, рече Гутереш во изјавата.