Хамас ги објави имињата на заложниците кои треба да бидат ослободени во сабота

Хамас во петокот ги објави имињата на „четири (израелски) жени војници“ кои треба да бидат ослободени во сабота, како дел од втората серија на размената на палестински затвореници кои ги држи Израел, во согласност со договорот за прекин на огнот во Газа.

„Како дел од размената на затвореници, бригадите Ал-Касам одлучија да ослободат (во сабота) четири жени војници“, објави на Telegram Абу Обеида, портпарол на споменатото вооружено крило на Хамас.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веднаш потврди дека добил „список на заложници“ кои би можеле да бидат ослободени преку посредник, без да наведат дополнителни детали.

Британскиот радиодифузер BBC објави дека Хамас изјавил дека жените војници кои треба да бидат ослободени од заложништвото се Карина Ариев, Даниела Гилбоа, Наами Леви и Лира Албаг. Тие биле заробени во воената база Нахал Оз и биле дел од единицата што ја надгледуваше границата на Израел со плестинската енклава Појасот Газа.

Четирите заложнички, односно заробенички, кои се во Газа од 7 октомври 2023 година, треба да бидат разменети за 180 палестински затвореници од Израел, објаснува BBC.

Извор од Хамас потврдил за француската новинска агенција AFP дека четирите жени ќе му бидат предадени на Црвениот крст во сабота.

Првата фаза од тековниот прекин на огнот, кој се очекува да трае шест седмици, започна во неделата и се очекува да овозможи размена на 33 заложници за околу 1.900 палестински затвореници, главно деца и жени, но и истакнати припадници на Хамас.

Три млади жени беа ослободени минатиот викенд, а Израел ослободи 90 Палестинци.

Палестинските затвореници кои треба да бидат ослободени во сабота се од потешка категорија од ослободените во првата размена. Меѓу нив ќе има и оние кои извршиле убиства, од кои некои отслужуваат казни над 15 години.

Израел инсистираше на тоа дека никој вмешан во нападите на 7 октомври нема да биде ослободен.

Прекинот на огнот во Газа во голема мера се почитува од неделата, со неколку инциденти, во кои беа убиени неколку десетици Палестинци.