Хамас ги соопшти имињата на заложниците кои ќе бидат ослободени утре

Хамас вечерва соопшти кои тројца заложници ќе бидат ослободени утре, со еден час задоцнување од крајниот рок во 16 часот.

Кабинетот на израелскиот премиер и Форумот за фамилии на заложници потврдија дека заложниците што треба да бидат ослободени се Охад Бен Ами (56), Ели Шараби (52) и Ор Леви (34).

Тајмс оф Израел јави дека се уште не е јасно во кое време утре заложниците ќе бидат ослободени.

Шараби бил киднапиран од кибуцот Беери кога припадниците на Хамас извршија терористички напад во јужен Израел на 7 октомври 2023 година. Неговата сопруга и ќерките биле убиени во безбедната соба во нивниот дом, а тој и неговиот брат Јоси беа заробени. Оттогаш беше потврдена смртта на Јоси, а Хамас се уште го држи неговото тело.

Леви (34) бил киднапиран од фестивалот Супернова во близина на кибуцот Реим на 7 октомври. Неговата сопруга Еинав беше убиена, а нивниот сега тригодишен син Алмог оттогаш престојува кај неговите баба и дедо. Во изминатите 16 месеци му било кажано дека татко му е исчезнат и се трага по него.