Хамас го користи примирјето да регрутира нови борци

Исламистичката организација продолжи со изградба на ракети во подземни тунели и се финансира преку продажба на хуманитарна помош; и покрај големите загуби од 7 октомври 2023 година, терористичката организација останува обемна по број, оружје и посветеност на борбите.

Како што трае прекинот на огнот во Газа, борците на Хамас, кои вообичаено се облекуваат како цивили за време на борбите, ја искористија можноста да ги облечат своите униформи и да парадираат низ улиците демонстрирајќи сила.

Сликите споделени на интернет на кои Хамас мавта со оружје на камиони и опкружен со цивилни поддржувачи, јасно покажуваат дека и покрај големите загуби од 7 октомври 2023 година и елиминацијата на лидерите на Хамас, терористичката организација останува обемна по број, оружје, и посветеност на борбата. Засега, сепак, тие може да се фокусираат на обнова на нивната способност за борба додека се обидуваат да продолжат да ја контролираат Газа.

Додека првата фаза од договорот за прекин на огнот е сè уште во раните денови, многу експерти ја доведуваат во прашање одржливоста на ситуацијата, со оглед на можноста Хамас да остане вкоренет во Газа и се сомневаат во можноста за обнова на областа.
Според Јони Бен-Менахем, висок аналитичар на Блискиот исток за Центарот за безбедност и надворешни работи во Ерусалим, „Израел разбил 24 воени баталјони во Појасот Газа, убивајќи меѓу 20.000 и 25.000 оперативци на военото крило на Хамас“ во текот на минатата година.

Сепак, додаде тој, во текот на последните три месеци, додека Израел се бореше и со Хезболах на својата северна граница, армијата „го намали притисокот врз Хамас и префрли многу војници во јужен Либан. Оваа промена му даде можност на Хамас да се обнови, а само минатиот месец Хамас регрутирал 4.000 нови терористи за да ги надополни своите редови користејќи пари генерирани од продажба на хуманитарна помош што влегува во Газа“, според Бен-Менахем, ојави „Ynet“.

Тој предупреди дека „Хамас се обновува и можно е тие да се обидат да ја задржат контролата врз Газа. Со прекинот на огнот, Хамас може да прави што сака, и воено преживеа“, вели Бен-Менахем.
Израелските безбедносни проценки сугерираат дека Хамас сè уште има околу 25.000 вооружени терористи во Газа, а зголемувањето на хуманитарната помош што влегува во Газа е тоа што им го овозможува тоа.
„Од вчера, 600 камиони со помош влегуваат во Газа дневно – значителен пораст. Хамас ќе ја искористи оваа помош така што ќе ја продаде и ќе ги искористи парите за да регрутира повеќе терористи“, додаде Бен-Менахем.

Професорот Ејал Зисер, заменик-ректор на Универзитетот во Тел Авив и експерт за блискоисточни студии и безбедност, вели дека ситуацијата е таква затоа што владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не испланирала стратегија за „ден потоа“ за Газа.

„Ако Хамас продолжи да постои, постигнувањето мир ќе биде многу тешко. Но, вистинското прашање не е дали Хамас ќе преживее – туку дали има алтернатива за Хамас. За жал, сегашната израелска влада не изгледа заинтересирана за планирање на „денот потоа“, и тоа му оди во прилог на Хамас“, рече тој.

За Јоханан Цореф, висок истражувач во Институтот за национални и безбедносни студии во Тел Авив, овој договор за прекин на огнот би можел да биде многу краткотраен.

„Израел моментално е во првата фаза од овој договор и двете страни се посветени на продолжување на преговорите за втората фаза. Проблемот ќе стане многу чувствителен во текот на втората фаза, бидејќи Хамас бара да заврши војната, додека Израел бара растурање на воената моќ на Хамас со тоа што ќе ја напушти Газа или ќе го остави оружјето“, рече тој, додавајќи дека „од перпектива на Израел, нема шанси да остане оружјето во Газа, особено по 7 октомври“.

Постојат начини да се запрат или барем да се одложат напорите на Хамас за обнова. Зисер ја истакна критичната улога на меѓународната соработка во задржувањето на Хамас. „Ако Израел и Египет можат да го координираат и контролираат коридорот Филаделфи, спречувајќи шверц на оружје, тоа би можело значително да ги одложи напорите за обнова на Хамас“, објасни тој.

Други актери кои се потенцијално вклучени во изградбата на одржлив „ден потоа“ за Газа, исто така, имаат големо влијание во овој процес, според Цореф. Тој ја истакна потенцијалната улога на глобалните и регионалните актери во обликувањето на иднината на Газа, вклучувајќи ги САД и земјите од Персискиот залив.
„Заливските држави, па дури и претседателот на Палестинската самоуправа (ПА) Махмуд Абас не се подготвени да се вклучат во реконструкцијата на Газа, освен ако Хамас не ја растури својата воена моќ“, рече тој.
Критиките на Абас кон Хамас станаа погласни во последните месеци. Тој веќе посочи дека ПА нема да се врати во Газа доколку Хамас не ја растури својата воена моќ. Понатаму, во знак на неодобрување, тој јавно праша дали ослободувањето на 1.000 палестински затвореници ја оправдува смртта на над 50.000 луѓе во Газа, откривајќи пошироко анти-Хамас расположение во ПА.