Хамас нема да се предаде, ќе продолжи со отпорот

Лидерот на Хамас Исмаил Ханије рече дека движењето нема да се предаде и ќе продолжи со својот отпор.

„Непријателот продолжува да го масакрира нашиот народ, децата и жените во Нусејрат и Деир ел-Балах“, рече Ханије во изјава објавена на каналот Телеграм, по операцијата на израелските безбедносни сили во саботата за ослободување на четворица заложници држени од радикалите. Нашиот народ нема да се откаже, ние ќе продолжиме да ги браниме нашите права пред овој злосторнички непријател“, рече лидерот на Хамас. „И ако окупаторите мислат дека можат насилно да ни го наметнат својот избор, тоа е глупост и движењето нема да се согласи на никаков договор што не обезбедува безбедност за нашиот народ пред сѐ“, посочи тој.

Ханије нагласи дека израелските сили потфрлиле воено, политички и морално. „Сите муслимански народи и слободни луѓе ширум светот мора да се кренат пред овие брутални убиства“, подвлече лидерот на Хамас.

Претходно, прес-службата на израелската армија објави специјална операција во областа Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, која резултираше со ослободување на четворицата Израелци киднапирани на 7 октомври. Хамас одговори на операцијата со закана дека ќе го зголеми бројот на заложниците со заробување израелски војници за време на борбите во Газа.

Според Хамас, во операцијата Нусејрат загинале 210 Палестинци, а повеќе од 400 се повредени.