
Хамас во средата објави дека нема да учествува во новата рунда мировни преговори за Газа закажани за четврток во Катар, но официјален претставник запознаен со разговорите рече дека посредниците очекуваат подоцна да одржат разговори со палестинската организација.
Соединетите држави соопштија дека очекуваат индиректните разговори во главниот град на Катар да се одвиваат според планираното и веруваат дека примирјето сѐ уште е можно. Но, ресурсот Axios извести дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја одложил посетата на Блискиот исток што се очекуваше во вторник.
Тројца ирански официјални лица изјавија во вторникот за Reuters дека само прекинот на огнот во Појасот Газа може да спречи ирански напад врз Израел како одмазда за убиството на политичкиот лидер и главниот преговарач на Хамас, Исмаил Ханија во Техеран минатиот месец.
Израелската влада најави дека во четврток ќе испрати своја делегација на разговорите, но претходно во неделата палестински Хамас побара трите земји посредници да го претстават планот заснован на претходните разговори наместо да започнуваат нови преговори за договорот за прекин на огнот со Израел во Појасот Газа.
„Хамас е посветен на предлогот што му беше претставен на 2-ри јули, врз основа на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и говорот на (американскиот претседател Џо) Бајден, а движењето е подготвено веднаш да започне со дискусија за механизмот за имплементација. Одењето на нови преговори му овозможува на окупаторот да наметне нови услови и да ги искористи нивните лавиринти за да изврши повеќе масакри“, изјави за Reuters претставникот на Хамас, Сами Абу.
„Израел ќе испрати преговарачки тим на договорениот датум, кој е утре, 15-ти август, за да ги финализира деталите за спроведувањето на рамковниот договор“, изјави на брифинг владиниот портпарол Давид Менсер.
Хамас изрази скептицизам во врска со разговорите, обвинувајќи го Израел за застој.
„Одењето на нови преговори му овозможува на окупаторот (Израел) да наметне нови услови и да го искористи лавиринтот на преговорите за да изврши нови масакри“, повтори високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри.
Отсуството на Хамас не ја исклучува можноста за напредок, имајќи предвид дека нејзиниот главен преговарач Халил ал-Хаја живее во Доха, а исламистичката група ги држи отворени каналите со Египет и Катар, пишува Reuters.
Информиран извор за Reuters рекол дека Хамас сака посредниците да добијат „сериозен одговор“ од Израел. Ако тоа се случи, движењето вели дека ќе се состане со посредниците по разговорите во четврток.
Хамас порача и дека преговорите „треба да ги истражат механизмите за спроведување на договореното во рамковниот договор поднесен од посредниците, со што ќе се постигне сеопфатен прекин на огнот, целосно повлекување на израелските сили, крај на опсадата, отворање на граничните премини и обновување на Газа, како и постигнување сериозен договор за заложниците и затворениците“.
Движењето отфрли каква и да е улога на САД или на Израел во Појасот Газа по војната.