Хамас објави ново видео со израелски заложници

Хамас го одбележа 100-тиот ден од конфликтот во Газа со објавување клип на кој се гледаат тројца израелски заложници кои ги држи палестинската вооружена група од нејзиниот упад во Израел на 7 октомври.

Во видеото долго 37 секунди, кое беше објавено на социјалните мрежи во неделата, заробениците се идентификуваа како Ноа Аргамани (26), Јоси Шараби (53) и Итај Свирски (38) и побараа од израелските власти да го олеснат нивното ослободување.

Снимката без датум завршува со два натписи на арапски, хебрејски и англиски. Едниот гласеше: „Утре ќе ве информираме за нивната судбина“, а другиот: „Вашата влада лаже“.

Клипот од киднапирањето на Аргамани на музичкиот фестивал „Супернова“ беше еден од првите што се појави на интернет на денот на нападот врз Израел од страна на Хамас, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а околу 240 беа земени како заложници.

Во неделата, мајката на Ноа, Лиора Аргамани, која е во напредна фаза на рак и користи инвалидска количка, зборуваше пред 120.000 луѓе на митингот за поддршка на заложниците во Тел Авив. „Ноа е заробена од Хамас 100 дена, и не разбирам како е можно и како таа сè уште е таму. Се надевам дека ќе можам да ја видам пред мојот последен ден“, рече таа.

Шараби и Свирски исто така беа земени од вооружени лица на 7 октомври од кибуцот Беери, кој се наоѓа во близина на границата на Израел со Појасот Газа.

Хамас ослободи околу половина од своите заложници за време на еднонеделното примирје во ноември. Според израелските власти, во моментов има 132 лица, додека во борбите се убиени 25 заложници.

Во неделата, портпаролот на Хамас Абу Обеида повторно предупреди дека континуираните напади врз Газа од страна на израелските одбранбени сили ги ставаат во опасност животите на израелските заложници.

Нетанјаху во саботата посочи дека воената операција во Газа ќе продолжи се додека не ги постигне своите „цели да го елиминира Хамас, да ги врати сите наши заложници и да се осигура дека Газа никогаш повеќе нема да претставува закана за Израел“.

Последните податоци на Министерството за здравство на Газа покажуваат дека 23.938 луѓе се убиени, а 60.582 повредени во израелските напади врз палестинската енклава во изминатите 100 дена.