Хамас ослободи од заложништво две жени по продолжувањето на примирјето

Двајца израелски државјанки се предадени на Црвениот крст во градот Газа, објави во четвртокот Тел Авив, а се очекува доцна во вечерните часови да бидат ослободени и другите заложници, откако беше продолжено примирјето меѓу Израел и палестинското радикално движење Хамас непосредно пред неговиот истек.

Израел објави дека станува збор за 21-годишната Миа Шем, заробена на танцова забава во кибуц во јужен Израел како и многу други заложници однесени во Газа на 7-ми октомври и 40-годишната Амит Сосани. Освен израелско, Шем има и француско државјанство.

Завојуваните страни се согласија да го продолжат договорот за прекин на огнот за уште еден ден, бидејќи посредниците инсистираат на продолжување на преговорите за натамошно продолжување на примирјето за ослободување на повеќе заложници и овозможување хуманитарната помош да стигне до Газа.

Примирјето го запре израелското бомбардирање и пауза во неговата копнена офанзива во Газа и овозможи дел од хуманитарната помош да стигне до Газа, откако голем дел од крајбрежната територија од 2,4 милиони луѓе беше разорена во израелската кампања започната како одговор на смртоносниот напад на милитантите на Хамас на 7-ми октомври.

Но, и покрај примирјето, во четвртокот имаше нов смртоносен напад во Ерусалим. Вооруженото крило на Хамас ја презеде одговорноста за пукањето во Ерусалим во кое загинаа три лица а уште шест други беа ранети, што Израел го нарече дополнителен доказ дека е неопходно да се уништат милитантите.

Засега нема индиции дека тоа би можело да го загрози прекинот на огнот во Газа или ослободувањето на заложниците.

„Овој настан повторно докажува дека не смееме да покажеме слабост, дека мораме да разговараме со Хамас само преку нишанот, само преку војна“, изјави екстремно десничарскиот израелски министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир на местото на нападот.

Досега, милитантите ослободија вкупно 97 заложници за време на прекинот на огнот: 70 израелски жени, тинејџерки и деца, секоја ослободена во замена за три затворени Палестинки, деца и тинејџери, како и 27 странски заложници ослободени со паралелни договори со нивните влади.

Со оглед на помалиот број израелски жени и деца во заложништво, продолжувањето на договорот за прекин на огнот може да бара поставување нови услови за ослободување на израелските мажи, особени за заробените војници.

Израел вети дека ќе го уништи Хамас, кој управува со Газа, како одговор на нападот на исламистичката група на 7. октомври, кога милитантите убија 1.200 луѓе, од кои над 300 израелски војници и припадници на безбедносните формации, и зедоа 240 заложници, според израелските извори.

До почетокот на примирјето, Израел ја бомбардираше енклавата седум седмици. Според податоците на палестинските здравствени власти, кои Обединетите нации ги сметаат за сигурни, убиени повеќе од 15.000 жители на Газа, од кои 40 отсто се деца. Дополнителни 6.500 луѓе се водат како исчезнати, а се верува дека многумина сѐ уште се затрупани под урнатините.