Хамас смета дека предлогот на Израел не ги исполнува условите на палестинската страна

Палестинското милитантно движење Хамас во вторникот соопшти дека предлогот на Израел, предаден со посредство на Катар и Египет, не исполнува ниту едно од барањата на палестинската страна. Во соопштението групата додава дека ќе го проучи предлогот и ќе им одговори на посредниците.

Официјален претставник на Хамас изјави за Reuters во понеделникот дека тие го отфрлаат израелскиот предлог за прекин на огнот даден на разговорите во Каиро. Истиот ден, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека е одреден датумот на офанзивата врз Рафах, град на самиот југ на Појасот Газа, каде што се засолнија повеќе од половината од вкупното 2,4-милионско населени бегалци од другите разорени во израелската инвазија делови на енклавата.

Израел и Хамас во неделата ги испратија своите преговарачки тимови во Каиро, а во разговорите учествуваат катарските и египетските посредници, како и директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Вилијам Барнс. Присуството на Барнс е показател за зголемениот притисок од САД, најголемиот сојузник на Израел, да се постигне договор со кој ќе се ослободат израелските заложници држени во Газа и ќе се обезбеди хуманитарна помош за Палестинците по целонсата блокада во шестмесечната војна.

Официјалниот претставник на Хамас, Али Барака изјави за Reuters дека „политбирото се состана денеска и одлучи“ да го отфрли израелскиот предлог. Друг претставник на милитантната група рекол дека не е постигнат напредок во разговорите. „Нема промена на ставот во врска со окупацијата и затоа нема ништо ново во разговорите во Каиро“, изјавил претставник на Хамас кој сакал да остане анонимен.

Хамас сака секој мировен план да вклучи крај на израелската воена офанзива, повлекување на израелската армија од Газа и дозволување на бегалците да се вратат во своите домови низ целата енклава.