Фудбалерите на осумкратниот македонски првак Вардар, како лидери на прволигашката сцена повеќе од четири месеци нивните секојдневни активности ги одработуваат во новиот тренинг камп.
Ерменскиот интернационалец Ховханес Хамбарџумјан, кој ја игра втората сезона во „црвено-црниот“ дрес има само пофални зборови за условите за работа, кои тој и неговите соиграчи ги добија на располагање со изградбата на современиот фудбалски комплекс, во населбата Хиподром:
„Без сомнение, Вардар во моментов располага со најдобрите услови за непречено одвивање на редовниот тренажен процес, не само во Република Македонија, туку и во споредба со сите останати екипи, каде што сум играл претходно во мојата досегашна кариера. Двата терени се во одлична состојба, а игралиштето со природна трева, иако го користиме секој ден е многу поиздржливо дури и од тревниците на стадионите, каде што ги играме натпреварите од Првата македонска лига. Фактот што по изградбата на тренинг-кампот врзавме серија од осум победи по ред и десет натпревари без претрпен пораз во првенството, самиот по себе говори дека совршените услови за работа, влијаат позитивно на нашите игри и резултати. Едноставно, на располагање го имаме сето она што ни е потребно, за постигнување на врвни успеси, пред сè на домашната а потоа и на меѓународната фудбалска сцена“, вели нашиот десен бек.
Популарниот Хоф, исто така е задоволен од останатите придружни капацитети и услуги, кои вардаровите првотимци ги користат пред и по завршувањето на тренинзите.
„Спроти соблекувалната имаме соба за масажа опремена со најсовремената апаратура, не само за вообичаените масерски третмани, туку и за третирање на повредите. До неа се наоѓа бањата, каде покрај тушевите на располагање имаме две џакузија и ладни купки, кои ни служат за релаксација по напорните тренинзи. Свесни сме дека играчите од другите екипи може само да ни подзавидат на сите овие благодети, кои ги добивме со пуштањето во употреба на тренинг кампот. Меѓутоа, Вардар како најтрофеен македонски клуб се труди во секој можен поглед да биде најдобар и да постави позитивни примери и стандарди, кои треба да ги следат останатите клубови на домашната натпреварувачка сцена“, додава 25-годишниот Ерменец.
Нашите играчи, новиот тренинг камп со право го доживуваат и како нивен втор дом. Собите за спиење, кафулето, ресторанот и останатите простории за дневен престој, прават тренинг кампот да наликува на луксузен хотел, каде што фудбалерите се чувствуваат буквално како дома.
„Храната во ресторанот е навистина вкусна и ги содржи сите нутритивни вредности кои ни се потребни. После секој тренинг, повеќе преферираме да јадеме во тренинг кампот, одошто на било кое друго место. Со оглед на тоа што пред секој натпревар во Првата лига имаме карантин, ноќите во пресрет на првенствените битки ги минуваме токму овде, каде што имаме најмирен сон. Собите за спиење се подеднакво удобни како и во сите хотели, во кои досега сме имале прилика да престојуваме. Од сите овие аспект, тренингот кампот на ФК Вардар, воопшто не се разликува од хотелските комплекси со пет ѕвезди“, резимираше Хамбарџумјан.
Неговите позитивни импресии, во целост ги делат и останатите вардарови фудбалери, како и членовите од стручниот штаб. Со цел идентични услови за работа да добијат и талентираните надежи од младинските екипи, во завршна фаза е изградбата на фудбалска акедемија во Градскиот парк. Тоа е уште еден инфраструктурен проект, од кој големи придобивки ќе имаат не само дечињата кои тренираат во нашиот подмладок, туку и целиот македонски фудбал.