Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон го ажурираше својот профил со ознаката „нова работа“, откако официјално стана нов член на Ферари во првите минути од 2025 година.
Хамилтон стана возач на Ферари на 1-ви јануари, приклучувајќи се на најстариот и најуспешен тим во Формула 1 по 12 години минати во тимот на Мерцедес.
Ферари допрва треба да објави кога Британецот ќе се појави првпат во комбинезон, но Хамилтон објави фотографија од детството на која носи црвена картинг кацига со бројот 44 на неа.
„Не би можел да бидам повозбуден за годината што претстои“, објави тој на социјалните мрежи.
„За секој што размислува за својот следен чекор во 2025 година, прифатете ја промената. Без разлика дали менувате индустрии, учите нови вештини или дури само преземате нови предизвици, запомнете дека повторното пронаоѓање е моќно“, додаде тој.
„Вашата следна можност е секогаш на дофат. Еве за 2025 година – година на прифаќање нови можности и напредување со цел. Ајде да ја направиме за паметење. Андијамо“, рече тој.
Хамилтон, кој ќе наполни 40 години на 7 јануари, ќе биде партнер на Шарл Леклер во Ферари, откако ќе го замени Шпанецот Карлос Саинц.
Британецот во кариерата освои седум светски шампионски титули, исто како и Германецот Михаел Шумахер. Зад нив е Аргентинецот Хуан Мануел Фанџо со пет титули, потоа Французинот Ален Прост, Холанѓанецот Макс Верстапен и Германецот Себастијан Фетел со по четири титули.