Актуелниот светски првак во класата Формула 1, Британецот Луис Хамилтон од тимот на Мерцедес е победник во хаотичната трка за Големата награда на Саудиска Арабија израмнувајќи се на врвот со Холанѓанецот Макс Верстапен од Ред Бил пред последната трка од првенството која се вози следната недела во Абу Даби.
Во неверојатната трка која двапати беше прекинувана поради инциденти, Хамилтон ја оствари третата последователна победа, осма оваа сезона и 103-та во кариерата. Британецот освои и дополнителен бод за најбрзиот круг, па пред последната трка сега со Верстапен влегуваат израмнети со по 369,6 бодови.
Второпласиран беше токму Верстапен, додека третото место му припадна на Валтери Ботас од Мерцедес, кој во последните метри го мина Естебан Окон од Алпен.
Ова беше турбулентна трка со дури три старта и два прекина, а борбата за првото место ја одбележаа и неспортски потези. Хамилтон на крајот славеше со скршено предно крило. Неколкупати интервенираа и од водството на трката поради што може да следат низа жалби и протести.
Хамилтон добро стартуваше и ја задржа водечката позиција, но во десеттиот круг Мик Шумахер удри во заштитниот ѕид а за среќа мина без повреди и се извини преку радиото.
Хамилтон веднаш замина во боксот, додека Верстапен остана на патеката и го презема водството. Безбедносното возило набрзо стана црвено знаме, па се отиде во нов старт. Возачите ги заменија улогите и сега во потера се даде Хамилтон.
Холаѓанецот поведе, Окон беше втор а Хамилтон трет. Меѓутоа, зад нив се случија два одвоени инцидента во кои Серхио Перез го „собра“ Шарл Леклер, а Никита Мазепин се судри со Џорџ Расел, па трката одново беше прекината во 16-от круг.
Возачите заминаа во боксовите и излегоа од своите возила. Директорот на трките Формула 1 и челниците на екипите постигнаа договор Верстапен да не биде казнет ако ги пушти пред себе Окон и Хамилтон. Тимовите се согласија на контроверзната одлука, па од првата позиција стартуваше Французинот.
„Ви даваме шанса да стартувате од втората позиција, бидејќи Верстапен ја пресече шиканата во свиокот 1-2“, му беше порачано на Ред Бул, а Холанѓанецот добро стартуваше и го презема водството.
Во 25-от круг се случи нова несреќа, кога се судрија Фетел во Астон Мартин и Цинода во АлфаТаури, а на патеката повторно излезе безбедносното возило.
Тогаш започна новата борба за првата позиција. Хамилтон го бркаше Верстапен, а двајцата завршија под истрага. Во 37-от круг Вестапен требаше да му ја препушти позицијата на Хамилтон, но ненадејно закочи и Британецот удри во него оштетувајќи го предното крило поради што Холанѓанецот беше казнет со пет секунди.
Хамилтон потоа го заобиколи Верстапен и го презема првото место. Од неговиот болид отпаѓаа делови, но успеа да дојде до целта и да оствари важна победа.
РЕЗУЛТАТИ
1. Луис Хамилтон (ВБ/ Мерцедес) 2 ч. 06: 15.118
2. Макс Верстапен (Хол/ Ред Бул-Хонда) + 11.825
3. Валтери Ботас (Фин/ Мерцедес) 27.531
4. Естебан Окон (Фра/ Алпен-Рено 27.633
5. Даниел Рикиардо (Аус/ Мекларен-Мерцедес) 40.121
6. Пјер Гасли (Фра/ АлфаТаури-Хонда) 41.613
7. Шарл Леклер (Mонако/ Ферари) 44.475
8. Карлос Саинц Јуниор (Шпа/ Ферари) 46.606
9. Антонио Џовинаци (Ита/ Алфа Ромео) 58.505
10. Ландо Норис (ВБ/ Мекларен-Мерцедес) 1: 01.358–.
ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН
ВОЗАЧИ
1. Макс Верстапен (Холандија) 369,5 поени (9 победи)
2. Луис Хамилтон (Велика Британија) 369,5 (8 победи)
3. Валтери Ботас (Финска) 218
4. Серхио Перез (Мексико) 190
5. Шарл Леклер (Монако) 158
6. Ландо Норис (Велика Британија) 154
7. Карлос Саинц Јуниор (Шпанија)149,5
8. Даниел Рикиардо (Австралија) 115
9. Пјер Гасли (Фрнција) 100
10. Фернандо Алонсо (Шпанија) 77 …
КОНСТРУКТОРИ:
1. Мерцедес 587,5 поени
2. Ред Бул-Хонда 559,5
3. Ферари 307,5
4. Мекларен-Мерцедес 269
5. Алпен-Рено 149
6. АлфаТаури-Хонда 120
7. Астон Мартин-Мерцедес 77
8. Вилијамс-Мерцедес 23
9. Алфа Ромео Расинг-Ферари 13 …