Директорот на тимот на Ред Бул во Формила 1, Кристијан Хорнер изјави дека агентите на британскиот пилот Луис Хамилтон го контактирале околу можен премин во неговиот итм, но и дека Британецот преговрал и со Ферари, пред седумкратниот светски првак сепак да го продолжи договорот со Мерцедес.
Англискиот весник The Daily Mail уште во мај објави дека Хамилтон преговара со Ферари, што и возачот и директорот на италијанскиот тим Фредерик Васер го демантираа.
„Водевме некои разговори во текот на годините за доаѓањето на Луис. Во неколку наврати бевме контактирани. Неодамна, на почетокот од годината, имаше прашања дали ќе има интерес. Тој се сретна и со претседателот на Ферари, Џон Елкан. Мислам дека тие разговори беа сериозни, а сите тие беа околу трката во Монако во мај“, изјави сега Хорнер The Daily Mail
„Секако дека имаше разговори, можеби со Васер. Но секако со Елкан. Не можам да ги видам Макс Верстапен и Луис како работат заедно. Динамиката не би била добра. Ние сме 100 отсто задоволни со она што го имаме”, додал Хорнер кој одбил да открие кој од опкружувњето на Хамилтон контактирал со него.
Весникот објави дека тоа би можело да биде таткото на возачот, Ентони, или менаџерката на Хамилтон од Њујорк, Пени Тау.
По долги преговори, 38-годишниот Хамилтон на 31-ви август го продолжи договорот со Мерцедес до крајот на 2025 година.