Актуелниот светски првак во класата Формула 1, Британиецот Луис Хамилтон во болидот на Мерцедес е победник на втората трка во Светското првенство, за Големата награда на Штаерска, којашто како и првата трка сезонава се одржа на патеката „Ред Бул Ринг“ во Шпиелберг.
Откако минатата недела беше четврти, Хамилтон овојпат славеше на за него незгодната патека „Ред Бул Ринг“, изборувајќи ја 85-та победа во кариерата. Повеќе од него има само Германецот Михаел Шумахер, кој во текот на кариерата забележа 91 победа.
Британецот ја контролираше трката и на крајот славеше пред клупскиот колега Финецот Валтери Ботас кој во директниот дуел со Холанѓанецот Макс Верстапен од тимот на Ред Бул го освои второто место.
„По тешкиот минат викенд, овојпат беше одлично. Задоволен сум од победата. Нашата стратегија се покажа одлична, сѐ беше одлично. Обожувам да возам од седмица во седмица, одвај ја чекам следната трка“, изјави Луис.
Ботас на отворање на сезоната беше прв, а со денешното втор место го задржа водството во вкупниот поредок.
„Хамилтон ја контролираше трката, но и второто место не е лошо. Интересна беше борбата со Макс за втората позиција и задоволен сум како тоа го одработив“, рече Финецот.
Четврти беше Александер Албон од Ред Бул, додека возачот на Мекларен, Ландо Норис, во последниот круг надомести три позиции и го зазема петтото место. Пилотот на Рејсинг Понт, Серхио Перез, беше шести иако стартуваше од 17-та позиција.
За Ферари ова беше уште еден лош викенд, откако двата болида на италијанскиот тим се откажаа по меѓусебниот судар во првиот круг, поточно во третито свиок. Шарл Леклер се обиде да го престигне клупскиот колега Себастијан Фетел, но удри во неговиот болид. Кај Леклер беше оштетено предното крило, а кај Фетел задното, па на патеката излезе „безбедното возило“. Двете возила на Ферари завршија во боксот, Германецот немаше шанси да се врати и веднаш го заврши натпреварот, додека Леклер одвози уште еден круг, по што и тој мораше да се откаже.
Ботас во задржа водството во генералниот пласман со 43 бодови, Хамилтон има 37, а третиот Норис има 26 бодови.
Во пласманот кај конструкторите води Мерцедес со 80 пред Мекларен со 39 и Ред Бул со 27 бодови.
По двојата програма во Австрија, следи на 19-ти јули трката за Големата награда на Унгарија.