Хамнеи: Иран ја покажа својата моќ против Израел

Иранскиот врховен водач Сејед Али Хосеини Хамнеи им се заблагодари на вооружените сили за неодамнешниот одмазнички напад врз Израел, велејќи дека земјата ја покажала својата моќ без оглед на тоа колку цели биле погодени, објави во неделата иранската официјална новинска агенција.

Во првиот директен напад врз Израел, на 13-ти април, Иран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и десетици крстосувачки и балистички ракети врз израелска територија како одмазда за смртоносниот напад на Израел врз комплексот на амбасадата во Дамаск на 1-ви април.

Повеќето од ракетите и беспилотните летала беа соборени од израелските воени сили и нивните сојузници имајќи предвид на оддалеченоста на нивното лансирање од околу 1.700 километри, така што нападот предизвикал многу мала штета, според Израел. Меѓутоа, израелската војска неофицијално потврди „незначителна“ штета во двете воени бази на разузнавањето и на воздухопловните сили, додека Техеран објави снимки од погодоци врз нив со, како што тврди, хиперсонични проектили кои го пробиле израелски противвоздушен систем предизвикувајќи „одредена“ штета.

„Примарното прашање овде не е колку проектили беа лансирани и колку ја погодија целта. Она што е навистина важно е дека Иран ја покажа својата моќ со таа операција“, рече Хамнеи во неделата.

Рано во петокот, експлозии одекнаа над иранскиот град Исфахан, во што тогашните извори објавија како израелски напад. Техеран го минимизира инцидентот, велејќи дека не планира да возврати, потег што ги поддржува напорите да се спречи војна во регионот.

„Со неодамнешната операција, вооружените сили беа во можност да ги намалат трошоците и да ја максимизираат добивката“, додаде Хамнеи, повикувајќи ги воените претставници „постојано да ги следат воените иновации и да учат за непријателските тактики“.