![ajatolah Hamnei glasa](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/ajatolah-Hamnei-glasa.jpg?resize=696%2C460&ssl=1)
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Сејед Али Хосеини Хамнеи му честиташе на новоизбраниот претседател, умерениот политичар Масуд Пезешкијан, повикувајќи на соработка.
„Ги повикувам сите на соработка“, рече Хамнеи, најмоќниот лидер во Иран чиј збор е последен во земјата. Додаде дека ривалството коешто се гледа за време на политичките кампањи треба да се трансформира во пријателство за доброто на Исламската Република.
Пезешкијан убедливо го победи тврдолинијашот Саед Џалили во вториот круг од изборите во петокот.
На новиот претседател му честиташе и шефот на моќната Револуционерна гарда, Хосеин Салами.
„Ние сме целосно подготвени да ја продолжиме и зајакнеме соработката и интеракцијата меѓу Револуционерната гарда и владата“, најави Салами.
Пезешкијан, 69-годишен кардиолог, вети дека ќе води попрагматична надворешна политика, ќе ги намали тензиите во преговорите за нуклеарната програма и ќе донесе социјална либерализација во општеството и политички плурализам. Вети дека ќе ја заживее силно потресената економија од децениските санкции на САД до кои се придржуваат нивните западни и азиски сојузници.
Пратеник од 2008 година, Пезешкијан е син на Азер и Курдка и ги поддржува правата на сите малцинства во Иран. Тој често го критикуваше задушувањето на политичкиот и општествениот отпор во земјата. Некои Иранци веруваат дека тој нема да може да донесе многу промени поради силата на Хамнеи и неговите сојузници.
Во 2022 година, новиот претседател побара објаснување од властите за смртта на курдката Махса Амини, која почина во притвор во кој беше поради прекршување на кодексот на облекување, што предизвика протести низ целата земја. Техеран за тие протести кои резултираа со терористички напади и убиства на стотина припадници на безбеносните сили, ги обвини во прв ред британската и израелската тајни служби.