Хамнеи предупреди дека ќе биде одговорено на секој напад врз Иран или неговите сојузници

Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во саботата вети дека жестоко ќе биде одговорено на секој напад од Израел и САД врз Иран или некое од вооружените движења во регионот кои ги поддржува Техеран.

„Непријателите, и САД и ционистичкиот режим (Израел), мора да знаат дека сигурно ќе добијат крвав одговор за нивните постапки против Иран, иранската нација и фронтот на отпорот“ против Израел, рече Хамнеи кој го води главниот збор во иранската политика од 1989 година.

Ајатолахот одржа говор пред студентите во пресрет на годишнината од заземањето на американската амбасада на 4 ноември 1979 година и киднапирањето на 52 американски дипломати кои беа ослободени по 444 дена.

На 26 октомври, израелската војска првпат нападна воени цели во Иран како одговор на одмазничкиот директнт напад на Иран врз Израел на 1 октомври, поради претходните израелски удари во кои беа убиени високи функционери на блискоисточните движења блиски н Техеран, но и високи воени ирански советници во соседните земји.

Хамнеи рече дека ќе направи сѐ за да го подготви иранскиот народ за заканата воено и политички.

„Ние правиме се за да ја подготвиме иранската нација, било да е тоа во воена, вооружена или политичка смисла“ за каква и да е закана, рече тој.

Исламската Република Иран не ја призна Државата Израел од нејзиното формирање и го направи палестинското прашање столб на својата надворешна политика во регионот на Блискиот исток.

Од нападот на 26 октомври, Израел го предупреди Иран да се воздржи од одговор, додека Техеран, кој вели дека не бара војна, рече дека ќе одговори во време и на начин кој самиот ќе ги избере.