Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, утре в Македонија ќе пристигне со документ-понуда за решение на политичката криза, но и со понуда за напредок на земјата во евроинтеграциите, доколку премиерот Никола Груевски и лидерот на социјал-демократите Зоран Заев, постигнат договор, објави МИА.
Високи извори од Еврокомисијата што инсистираат на анонимност, информираат дека за разлика од неговото пасивно прво посредувањемеѓу Груевски и Заев пред три недели во Стразбур, овојпат еврокомесарот Хан се очекува да игра активна улога и да понуди решение за завршување на политичката криза, јавува дописникот на МИА од Брисел
Според изворите на МИА, Хан ќе инсистира утре врз основа на неговиот документ, кој е непознат за јавноста, да се надмине политичката криза во Македонија, со тоа што на Груевски и Заев, како и на лидерите на ДПА и ДУИ, Мендух Тачи и Али Ахмети, ќе им понуди и награда за земјата поради тоа што ќе биде ставен крај на кризата. Имено, понудата е неформален почеток на т.н. скрининг-процес на Македонија со Европската комисија за клучните поглавја при отворањена формалните преговори за членство во Европската унија.
Како што е познато, скрининг-процесот е споредување на македонското со европското законодавство и се случува откако Европскиот совет ќе даде дозвола за отворање на формалните преговори за членство. Поради блокадите од страна на Грција на Советот, Еврокомисијата веќе шест години се обидува да го премости овој период во кој постојано дава препораки за отворање на преговорите со Македонија, а тие никако да започнат. Па, така, во последниот прогрес-извештај што го презентираше поранешниот комесар за проширување Штефан Филе, се препорача некој начин на неформално отворање на скринингот на поглавјата 23 и 24, односно поглавја за владеење на првото и слободата на изразувањето и медиумите, што се клучни од сите 35 преговарачки поглавја во процесот на преговори.
Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), што три години функционира меѓу ЕК и Владата на Република Македонија, се чини не дава реални резултати и не е вистинска замена за скрингот и преговорите, па сега новиот комесар за проширување, Хан, се обидува да изведе маневар со кој Македонија нема повеќе да биде пасивна и да чека „зелено светло” од Грција и да ги започне пристапните преговори, што токму според Еврокомисијата, земјата ги заслужува од 2009 година.
– Можам да потврдам дека комесарот Хан, утре на 2 јуни ќе ја посети Македонија. Комесарот ќе им ја истакне на партиите итноста да се најде решение за надминување на сегашната криза што е можно побрзо и со заемна посветеност на клучните предизвици што земјата се соочува. Тоа можам да кажам, посочи портпаролката на Хан, Маја Коцијанчич во изјава за МИА.
На прашањето дали носи и можно решение на политичката криза во Македонија на утрешната средба со политичките лидери и тројцата европратеници Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл, кое во себе содржи и понуда за неформален скрининг на клучните поглавја од идни преговори ЕУ-Македонија, гласноговорничката на Комисијата не сакаше да коментира.
– Нема да шпекулирам и не мислам дека ова ќе биде корисно во ситуацијата. Она што комесарот ќе го стори е потенцирање на потребата и итноста од наоѓање на решение за надминување на сегашната криза и во овој контекст треба да гледате и на неговата посета, потенцира портпаролката Коцијанчич.
Дека утрешниот политички дијалог со псоредство на комесарот Хан и европратениците е клучен и за евроинтегративната иднина на Македонија, говори и податокот што од денеска, со посредство на канцеларијата на Европската унија во Скопје, во Директоратот за проширување на Еврокомисијата е започнато со собирање на материјали за пишување на прогрес-извештајот за Македонија, што ЕК ќе го издаде во средината на октомври месец оваа година.