Хан ја откажа утрешната посета на БиХ

Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан, денеска соопшти дека ја откажува посетата на Босна и Херцеговина, што беше планирана за утре, јави Фена.

Хан во писмената изјава изразува загриженост поради одлагањето на тркалезната маса на лидерите на водечките политички партии во БиХ, на која требаше и тој да присуствува, посветена на постигнување договор за пакетот реформски мерки.

– Апелирам до сите политички лидери и институции на сите нивоа на власта во БиХ да сторат се што е во нивна моќ за да ја финализираат и да почнат да ја спроведуваат Програмата за реформи, кои и се итно потребни на земјата за да обезбеди просперитет и да напредува кон ЕУ, додава Хан.

Тој ги повикува властите во БиХ да ги исполнат преземните обврски, како оние кон ЕУ, така, уште повеќе, и оние кон своите граѓани.

-Сметам дека БиХ е соочена со сериозни социјално-економски предизвици, кои бараат брзи и храбри одлуки и потези, како и ставање на стабилноста, напредокот и интересите на земјата и граѓаните пред партиските интереси, нагласува Хан.

Тој воедно го поздрави усвојувањето на Програмата за реформи од страна на Советот на министри на БиХ и од страна на Владата на Федерацијата БиХ и ги повика властите на Република Српска да преземат слични чекори.

-ЕУ е подготвена со значајни средства да ја поддржи Програмата за реформи, но тие средтсва можат да бидат издвоени единствено ако Програмата биде усвоена и спроведна како што треба, потенцира Хан во писмената изјава.