Хан се пошегува со Димитров дека Австрија има висок процент на партиски гласачи затоа што е блиску до Балканот

Мислам дека е време нашиот регион да се помести напред, на краток рок тоа ќе биде слобода на медиумите, мора да се фокусираме на тоа, на долг рок тоа е борбата меѓу клиентелизам и меритократијата, рече министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на денешната конференција во Лондон на тема „Што да очекува Балканот во следната декада“.

Димитров рече дека не е партиски член и дека никогаш не бил, иако некој на Википедија цело време инсистира да го оквалификува како таков, поради што е во постојана битка тоа да се исправи.

На прашање од присутните за уделот на граѓанскиот сектор во земјите од Западен Балкан, Димитров рече дека клучен проблем е тоа што во Македонија дури 30 отсто од гласачкото тело се членови на некоја партија.

Мислам дека европскиот просек е 3 отсто. Отстапуваат Австрија и Грција каде партиските членови се 10 отсто од електоратот. Кај нас е тоа дури 30 отсто. И ова не е затоа што луѓето сакаат да ја обликуваат политиката, туку мислат дека тоа е единствениот начин за достоинствен живот за нив и нивните деца. Но работите се менуваат, одиме со битка по битка – рече Димитров.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, кој е од Австрија, на тоа што Димитров ја спомена неговата земја, рече дека тоа е така затоа што Австрија и Грција на некој начин се граничат со балканските земји.

Австрија и Грција се граничат со Балканот и така можеш да ги објасниш овие 10 отсто – рече тој шегувајќи се.

Според него најголем проблем во земјите на Балканот се етничките партии.

Тоа се традиционални партиска структури. Повеќето паратии имаат етничка припадност, членовите припаѓаат на таа партија затоа што се од тој етникум. Поради ова не гледам дека е возможен значаен прогрес. Треба да се напушти тој поглед луѓето да ги гледаат своите држави од друга гледна точка. Тука главна улога може да има граѓанскиот сектор – рече Хан.