Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан издаде соопштение по одлуката на владејачката ВМРО-ДПМНЕ заедно со останатите партии освен опозициската СДСМ да изгласаат оставка на премиерот Груевски и да закажат одржување предвремени парламентарни избори на 24 април оваа година.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Хан посочи дека тој преферирал да се закажат изборите од страна на сите партии, но дека сега е повеќе од важно, откако е договорен датумот, сите политички и институционални актери во земјата да сторат што можат за да се обезбедат фер избори според демократските стандарди.
– Ја забележав одлуката што беше донесена денеска да се одржат предвремените парламентарни избори на 24 април како што е предвидено во договорот во Пржино. Како што кажав претходно, јас ќе преферирав консензуално решение од страна на сите партии. Но сега е повеќе од важно за сите политички и институционални актери во земјата да сторат што можат за да обезбедат фер избори, според демократските стандарди и да се постигне ова е потребна итна подготвителна работа која мора да се забрза пред се во однос на гласачката листа, посочува Хан во соопштението што го испрати доцна вечерва.
Првиот човек за проширување на ЕУ исто така повика сите партии сега да соработуваат и тоа конструктивно со цел да се држат до нивните обврски во рамките на договорот од јуни/јули.
– И покрај неуспехот да се најде заеднички договор за датумот за избори очекувам сите политички партии да соработуваат конструктивно и да се држат до сите нивни обврски во рамки на политичкиот договор од јуни/јули 2015 вклучително и до итните реформски приоритети, додава Хан.
Во име на ЕК, портпаролката на Хан Маја Коцијанчич денеска во изјава за МИА посочи дека за Еврокомисијата според податоците кои им ги дале ОДИХР и ДИК прифатлив е и датумот 24 април кога ќе се одржат изборите. Сепак таа, а потоа и Хан во негова изјава пред Советот за надворешни работи, преферираа тоа да се постигне консензуално што го вели и Хан во денешното соопштение. Сепак Брисел на еден начин денеска ги поздрави одржувањето на изборите на 24 април и како што вели комесарот за преговори за проширување очекува сите партии да соработуваат со цел да се обезбедат фер и демократски и предвремени избори во земјата.