Германскиот фудбалски стратег Ханси Флик ја одбил понудата што ја добил од англискиот премиерлигаш Челзи заради неговата желба од следната сезона да го наследи Чави како тренер на Барселона.
Во вторникот, Челзи официјално се раздели со Маурисио Покетино, стратегот кој го водеше тимот од „Стемфорд Бриџ“ во сезоната која штотуку заврши. Двете страни потпишаа меѓусебно договорен раскин на договорот, а прва желба на водството на Челзи да го преземе тимот беше 59-годишниот Германец Ханси Флик. Според Mundo Deportivo, како и дел од британските медиуми, Флик го одбил Челзи бидејќи сака да ја продолжи кариерата во Барселона.
Флик го водеше Хофенхајм од 2000 до 2005 година. Потоа имаше пауза дури до 2019 година кога го презеде Баерн, додека од 2021 до 2023 година беше селектор на Германија.
Дел од челниците на Барселона во средата пристигнале во Лондон на преговори со Флик, а со оглед на тоа дека двете страни очигледно се расположени за меѓусебна соработка во наредните години, лесно е можно Флик да го преземе актуелниот шпански вицешампион од клупската легенда Чави.