До почетокот на Светското првенство во фудбал останува помалку од еден месец, а како што се приближува првиот натпревар се поголемо е незадоволството на Бразилците поради економската состојба и револтот за преземање трошоци од организацијата на Мундијалот.
На полицајците беа фрлени камења, а протестите не ја заобиколија претстолнината на Бразил, а просветните работници и државните служби стапија во штрајк ширум земјата.
Ова е само продолжување на протетстите кои се одржуваа пред Купот на Конфедерацијата во 2013 година. Организаторите најавуваат се помасовни и почести излегувања на улица како што Мундијалот се приближува, а започнува на 12 јуни.
Во име на работничкото движење, на јавноста се обрати лидерот Гилјерме Булош.
„Ние не сакаме да ги уништуваме стадионите, само бараме поголеми права и безбедност за работниците кои тоа го работат и сакаме да ги видиме позитивните ефекти кои Мундијалот ќе им ги донесе на сиромашните,“ изјави лидерот Булош.
Протестите во Сао Паоло се водеа во близина на стадионот на кој Мундијалот ќе биде отворен со натпреварот Бразил-Хрватска, а министерот за спорт Алдо Рабело не е премногу загрижен.
„Нема место за паника за трите милиони бразилски и 600.000 странски туристи. Ова се специфични барања на работниците кои не се поврзани со Светското првенство,“ изјави Ребело.
Демонстрантите им порачаа на туристите и Светската фудбалска федерација дека не се добредојдени, а на улиците се оставени и венци со фотографии на трагично загинатите работници, настрадани во градилиштата на стадионите.