Харадинај: 2019 ќе биде година на економскиот развој

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај повтори денеска дека 2019 година во Косово ќе биде година на економскиот развој, јавува дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај на состанокот на Националниот совет за економски развој порача дека, наспроти предизвиците кои може да ги има во текот на оваа година, Владата ќе се труди да остане фокусирана на економијата.

Годината што измина беше повеќе година на законската инфраструктура, додека оваа е година на економијата и посериозно ќе се посветиме на економските теми. Иако во Косово ја имаме најповолната даночна политика во регионот, сепак сакаме повторно да ги слушнеме инвеститорите, рече Харадинај, информирајќи дека во моментов има 11 потенцијални инвеститори.

Премиерот нагласи дека голем предизвик за Косово претставува имплементацијата на законите.

Ние имаме многу имплементирачки предизвици. Не е дека не изготвуваме закони, меѓутоа нашите слабости излегуваат на виделина кога станува збор за нивна имплементација, рече Харадинај.

Министерот за трговија и индустрија, Ендрит Шаља рече дека негова главна заложба во оваа година ќе биде привлекувањето на странски инвестиции.

Со оглед дека оваа година Владата ја прогласи за година на економијата, ќе се заложиме за подобрување на животот на граѓаните на Косово, за економски развој и привлекување странски инвестиции, изјави Шаља.