Косовскиот премиер изјави дека Приштина не ги измислила дополнителните даноци за увоз, мерка која била употребена и од американскиот претседател Доналд Трамп.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека по воведувањето на царински давачки од 100% на производи увезени од Србија и Босна и Херцеговина, следниот чекор би можел да биде „реципроцитет кон однесувањето на Србија”.
Тој рече дека воведувањето на данокот не е мерка измислена од Косово и дека тие мерки се „најнормална работа”.
„Дополнителните давачки како инструмент беа употребени од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, добро познат инструмент, кој се користи во многу земји во светот. Тоа е инструмент што го немаме ние измислено”, изјави Харадинај за телевизијата Клан Косово.
Тој вели дека следниот чекор е реципроцитет кон односот на Белград кон Приштина, но додаде дека засега данокот за увоз е доволна мерка.