Лидерот на Алијанската за иднина во Косово, Рамуш Харадинај, кој попладнево беше уапсен на аеродромот во Љубљана поради српската потерница од 2006. година, вечерва е изведен пред истражен судија, кој одлучил по сослушувањето Харадинај да биде пуштен на слобода.
Харадинај пред истражниот судија, на сослушувањето кое траело неколку часа, ветил дека ќе остане во Словенија додека во целост да се провери состојбата со српската потерница.
Имено, косовскиот политичар претходно негираше дека е уапсен, туку рече дека само е приведен, поради како што тој тврди неважечка српска потерница.
Харадинај е уапсен по слетувањето на аеродромот во Љубљана по враќањето од официјалната посета на Берлин.
Тој изрази лутина поради задржувањето на аеродромот, споредувајќи ги властите во Словенија со властите во Србија.
-Не сум уапсен, но потребно е време потерницата да се избрише од словенскиот систем. Ќе го продолжам патот и се враќам на Косово, рекол Харадинај.
Хашкиот суд го ослободи Харадинај од обвинението за воен злочин. Од неговата партија го осудија апсењето и побараа негово итно ослободување.