Харадинај: Сакаме сеопфатен договор со Белград, но имаме долга листа со прашања за решавање

Во многу кругови во регионот се зборува за моделот на Преспанскиот договор меѓу Република Македонија и Република Грција и кога сето тоа ќе се заврши мислам дека тоа ќе биде доказ за можноста да се решат и други ситуации, вели косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

„Секако сите ситуации се специфични на свој начин“, во интервју за МИА вели косовскиот премиер Рамуш Харадинај на прашањето дали Преспанскиот договор може да послужи како некаков модел во преговорите меѓу Косово и Србија.

Косовскиот премиер во интервјуто признава дека односите меѓу двете земји се обременети од поблиското минато, но дека,сепак, посакува стабилизирање и мир во регионот, и конечно сите земји да тргнат кон евроатлантските интеграции.

„Ние имаме за цел постигнување сеопфатен договор, бидејќи меѓу Белград и Приштина има долга листа на работи за кои мораме да се договориме: од воена отштета, сукцесијата, трговијата и политиката, правата на српската заедница која живее на Косово, верските и сите останати права… Се надевам дека и ние ќе успееме да преземеме некои добри одредби од Преспанскиот договор. Не би смеел, сепак, да кажам дека тоа е модел, бидејќи релациите меѓу Косово и Србија се поинакви. Односите меѓу нас и Србија се битни, ние сме заинтересирани да се договориме за да постигнеме мир засекогаш за народите на двете земји, како и со соседите, бидејќи мирот и помирувањето го помагаат економскиот развој“, додава Харадинај.