Косовскиот премиер Рамуш Харадинај го осуди „мешањето на Србија во локалните избори во Косово“, оценувајќи дека тоа не е во интерес на добрососедството.
Ваквиот став на Харадинај уследи откако повеќе претставници на властите во Белград ги повикаа косовските Срби да излезат масовно на на локалните избори и да гласаат за партијата Српска листа.
„ Владата на Косово и јас лично, како премиер, силно го осудуваме актот на мешање на институциите на Србија во изборната кампања за локалните избори на Косово. Ваквите постапки се во спротивност со принципите на добрососедство и и се закануваат на суштината на нормализацијата на односите меѓу двете држави“, објави Харадинај на својот профил на Facebook.
Според него, косовските Срби имаат право на избор и изборот на нивни претставници без мешање од надвор, ќе се почитува од страна на властите на Косово.
Локалните избори на Косово ќе се одржат в недела на 22 октомври.