Капитенот на англиската фудбалска репрезентација Хари Кејн реши барем уште една сезона да остане во Тотенхем, што го потврди во средата со објавата на Twitter и ја заврши саката за можното продолжување на кариерата во Манчестер Сити.
„Беше неверојатно да се види како навивачите на Спарс ме дочекаа во неделата и да се прочитаат некои од пораките со поддршка кои ги добив последните неколку седмици. Ќе останам во Тотенхем ова лето и ќе бидам 100 отсто концентриран на тоа да ѝ помогнам на екипата во остварувањето на успесите“, објави Кејн.
На саботната гостинска првенствена победа од 1:0 над Вулверхемптон, Кејн го впиша првиот настап за Тотенхем сезонава, влегувајќи во игра од клупата за резерви во 72 минута.
Еден од најдобрите англиски напаѓачи и икона на Тотенхем со лондонскиот клуб е врзан со договор до летото 2024 година, но од претседателот Даниел Леви во текот на летниот преоден рок побара трансфербво клуб со кој би имал подобри шанси за освојување трофеи.
Актуелниот англиски шампион Манчестер Сити сакаше да го доведе Кејн, но не беше подготвен да плати 100 милиони фунти отштета, што не ги задовили апетитите на Леви. Во англиските медиуми се споменуваше сума од најмалку 120 милиони фунти, кои би ги натерале челниците на Тотенхем да го продадат Кејн.
Завршувањето на сагата ќе му овозможи на Манчестер Сити да се насочи на други засилувања, а истовремено значи дека Кејн набрзо ќе се најде во улогата на водач на нападот на Тотенхем, можеби веќе во четвртокот кога Спарси ја пречекуваат португалска Пасош Фереира во реваншот од доигрувањето за пласман во групната фаза од Конференциската лига, во кој тимот од лондон има заостанување од 0:1 од првиот дуел.