Хасани: Абердин е силен тим, но и ние имаме свои адути

Повратникот во редовите на Шкендија, Ферхан Хасани на денешната прес-конференција ја потенцираше определбата на тимот да се дојде до позитивен резултат во Скопје по што ќе останат сериозните надежи за пласман во следната рунда натпревари.

Македонскиот репрезентативец покасно се приклучи на подготовките на Шкендија, но според него тоа не е хендикеп да се пружи максимумот на утрешниот дуел.

“Шкендија е пред голем европски предизвик. Абердин е секако силен тим, но и ние си имаме свои адути. Не треба да стравуваме, но да веруваме во себе и секако да се надеваме на успех. Јас сум максимално подготвен иако подоцна се приклучив на тимот. Со максимален ангажман на секој поединец знаме дека може и да победиме” – истакна Хасани, кој како адут на тетовци ги нагласува и навивачите.

“Секако потребни ни се навивачите затоа што со нивна поддршка можеме многу. Потребни ни се во што поголема бројка за да дојдеме до посакуваниот резултат”, заврши репрезентативецот на Македонија.

А, според информациите од таборот на Шкендија до вчера беа продадени повеќе од 3.000 билети за утрешната средба. Цената на билетот за дуелот кој се игра на арената “Филип Втори” со почеток од 21 часот изнесува 200 денари.